На Учителскиот факултет во Загреб на 16 и 17 октомври 2018 г. се одржа воведен состанок на меѓународниот проект Еразмус+ К 2 „Развој на писменоста и учење на јазикот за учениците во млада возраст во неповолни услови“ (Erasmus+ K2 2018-1-HR01-KA201-047499). Учителскиот факултет е носител на проектот кој ќе се реализира до 2020 година, а партнери се Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Македонија, Универзитетот во Марибор, Словенија и Основното училиште „Иван Гудулиќ“ од Загреб.
Цел на проектот е поефикасно да се влијае врз развојот на јазичните вештини и писменоста на децата кои поради своите јазични и културолошки посебности се наоѓаат во неповолни услови во однос на своите врсници, со цел да се подобрат нивните вкупни образовни достигнувања. Со ваквата цел во рамките на проектот ќе се истражуваат иновативни и трансдисциплинарни начини и методи за развој на писменоста и учењето на јазикот и ќе се изработи наставен материјал за нивно потттикнување, применлив за употреба во сите ситуации на учење: формално, неформално и информално.
Воведниот состанок на проектот започна со изразување добредојде на учесниците. Во име на домаќинот и носителот на проектот, претставниците на партнерските установи ги поздравија доц. д-р Кристина Цергол Ковачевиќ, продеканка за наука, уметност и меѓународна соработка и проф. д-р Тамара Турза-Богдан, раководителка на проектот. Во поздравните говори посебно се истакна релевантноста на темата на проектот за современото општество и за воспитно-образовните установи, како и фактот дека ова е првиот Еразмус+ проект во кој е носител Учителскиот факултет, што ја покажува водечката улога на Факултетот во размислувањата за современото воспитание и образование.
Во текот на дводневнте работни денови, учесниците на проектот започнаа со активности за изработка на првиот резултат на проектот: „Збирка примери на добра практика за развој на писменоста и учењето на јазикот“ кој ќе биде претставен во февруари 2019 година.